Вчерашниот ден е историски за битолската атлетика и АК Олимп. Клубот се ребрендира и ја доведе скоро цела македонската репрезентација во своите редови, јасно наметнувајќи ја улогата на лидер на атлетскиот спорт во земјата.
АК Олимп е основан во 1960 година и претставува еден од најстарите и најтрофејни атлетски клубови во Македонија. Во текот на својата историја, особено во периодот на поранешна Југославија, клубот континуирано настапувал на сојузни и републички првенства, изнедрил атлетичари со врвни резултати и медали, со запишани рекорди кои ја менувале спортската историја и бил препознаен како силна база за развој на атлетски кадар.
„АК Олимп отсекогаш бил повеќе од клуб. Бил место каде што се градела дисциплина, каде што спортот бил систем, не случајност и каде што резултатите биле последица на континуирана работа.
Денешното ребрендирање и трансфер-политиката не се раскин со историјата,
туку логично продолжение на традиција на амбиција и шампионски менталитет. Атлетскиот клуб Олимп денес испраќа јасна порака: Битола не е периферија на македонската атлетика – Битола станува нејзин центар. Клубот потпиша договори со петнаесет атлетски имиња, сите репрезентативци и перспектива на клубот и земјата“, велат од клубот оформен 1960 година во Битола.
Нови членови на АК Олимп се:
Адријана Поп Арсова
Ирма Хајдари
Марина Домазетовска
Ана Шикоска
Димитар Петровски
Леонид Вандевски
Бојан Чаприќ
Григоријан Никовски
Максим Пауер
Никола Десковски
Блаже Игњатовски
Андреј Андовски
Игор Стојановски
Насе Епов
Матеа Матеска
Теа Божиновска
Клубот, кој произведе легендарни имиња и рекордери како Вера Вељановски, Стевче Ѓорѓиевски и Демир Даутовски, веднаш се зафати за работа и прв тренинг во градскиот парк во Битола.





