(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
1982 – ПРВОТО МЕСТО ЗА ШЕРИФ РУСТЕМОВ
Во 1982 година се случи избор на најдобрите спортисти да извршат и СОФК-а и Битолски весник. И на двете листи на чело беше боксерот на „Пелистер”, Шериф Рустемов.
Да потсетиме. Изборот на најдобрите спортисти во Битола, како манифестација, се воспостави во 1964 година, само што почна да излегува Битолски весник. Иницијатори за воспоставувањето на една ваква манифестација беа спортските работници од градот, но и новинарите од спортската редакција на Битолски весник, на чело со Спиро Мачески. Соработката секогаш беше на висина и течеше без никакви проблеми. Заеднички се организираа поголемиот број манифестации, односно сѐ дотогаш додека СОФК-а како асоцијација на спортските друштва и клубови од Општината Битола не ја презеде врз себе целосната организација. Но, секогаш во комисиите имаше спортски новинари од градот, посебно од Битолски весник. Со доаѓањето на неколкумина млади новинари во Битолски весник, се појави желба оваа манифестација да ја организира посебно и спортската редакција на весникот. Против идејата немаше против никој. И денеска, Сојузот на спортови од Битола стои на мислењето дека избор на најдобрите спортисти може да прави секој, особено јавните гласила. Тоа воопшто не пречи СОФК-а, односно денешниот Сојуз на спортови како институција оваа манифестација да ја организира и спроведува врз основа на своите правила и критериуми.
Битолски весник, врз основа на гласовите на читателите, изготви своја листа што беше објавена во весникот на 20 декември 1982 г. Во редакцијата во таа прилика беше организирана и скромна свеченост. Читателите, односно Битолски весник одлучи на ранг-листата да се најдат следните спортисти:
Ранг-листа на „Битолски весник” за 1982 г.
- Шериф Рустемов (бокс)
- Борко Јовиќиќ (ракомет)
- Златко Настевски (фудбал)
- Неџат Хусеин (фудбал)
- Тони Решњак (џудо)
- Ѓорѓи Костовски, Димитар Илиевски и Благој Лазаревски (алпинизам)
- Севдат Имеровски (борење)
- Билјана Чурлева (ракомет)
- Зорица Катиновска (кошарка)
- Стевче Ѓеорѓиевски (атлетика)
На повеќемина читатели, што учествуваа во изборот на спортистите, им беа доделени скромни награди.
СОФК-а, пак, изборот на спортистите за 1982 година, го направи при крајот на јануари 1983 година. Ранг-листата на најдобрите за 1982 година изгледаше вака:
Ранг-листа на СОФК-а за 1982 г.
- Шериф Рустемов (бокс)
- Борко Јовиќиќ (ракомет)
- Стевче Ѓеорѓиевски (атлетика)
- Љупчо Спировски (скијање)
- Тони Решњак (џудо)
- Седат Имеровски (борење)
- Неџат Хусеин (фудбал)
- Зорица Катиновска (кошарка)
- Борче Јовановски (фудбал)
- Билјана Чурлева (ракомет)
Вака, оваа листа ја состави комисијата на СОФК-а во која беа Владо Белевски, Спиро Мачески, Димче Миновски, Михајло Џима и Гоце Гроздановски. Свеченоста се одржа во малата сала на Општината Битола.
И покрај тоа што конкуренцијата за спортист на Битола за 1982 година беше мошне силна, Шериф Рустемов со постигнатите резултати беше далеку најуспешен и сосема заслужено се најде на првото место. Рустемов во 1982 година, на 36-то боксерско првенство во сениорска конкуренција што се одржа во Берово, за прв пат во својата кариера стана нов државен првак. Својот раскошен талент овој боксер го потврди на мечевите со најдобрата боксерска селекција на САД, на меѓународните боксерски ревии „Белградски победник”, „Златен гонг”… и на натпреварите во Втората боксерска лига-Југ.
На второто место се најде ракометарот на РК „Пелистер” Борко Јовиќиќ, кој беше носител на играта на Пелистер и најзаслужен што во есенскиот дел од првенството на Првата „Б” ракометна лига „Пелистер” без пораз го освои првото место. Третото место сосема заслужено му припадна на атлетичарот на АК „Олимпија”, Стевче Ѓеорѓиевски, еден од најдобрите среднопругаши во Југославија.
За разлика од 1981 година, кога не се пласира ниту меѓу десетте најдобри, оваа година алпскиот скијач Љупчо Спировски се најде на високото четврто место.
Според одлуката на комисијата, на петото место се пласира Тони Решњак – член на џудо клубот „Пелистер”.
Со извонредните резултати што ги постигна во Втората боречка лига Севдат Имеровски се пласира на шестото место.
На седмо место е Неџат Хусеин, еден од најдобрите фудбалери на Пелистер.
Кошаркарката на „Битолатекс”, Зорица Катиновска, го освои осмото место.
Фудбалерот на РЕК „Битола”, Борче Јовановски, го зазеде деветтото место.
Место меѓу десетте најдобри обезбеди и ракометарката на „Пелистер”, Билјана Чурлева.
Во екипна конкуренција признанија добија: РК и ФК „Пелистер”. Посебни признанија добија и членовите на алпинистичката експедиција: Ѓорѓи Костовски, Димитар Илиевски и Благој Лазаревски, МЗ од с. Логоварди и Петар Марковски за резултати остварени во конкуренција на инвалидизирани лица.
Наградите на најдобрите спортски избраници им ги врачи новоизбраниот претседател на СОФК-а, Илија Чукалков, кој истовремено беше професор по физичко воспитување во Средното земјоделско училиште „Борис Кидрич” и без сомнение, еден од најдобрите атлетски тренери во Македонија. Чукалков беше актуелен тренер на АК „Олимпија”.







