(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
ВЕРА ВЕЛЈАНОВСКА ПАК НА ТРОНОТ
За спортист на годината на Битола за 1972 година повторно беше избрана Вера Велјановска. Во анкетата на Битолски весник за неа гласаа 527 читатели.
Изборот на спортисти на годината започна на почетокот на 1965 година, со тоа што за првпат беа вреднувани најдобрите успеси на битолските спортисти во претходната 1964 година. Сè почна скромно, со доделување симболични признанија и награди на најдобрите спортски избраници и тоа во хорската сала на КУД „Стив Наумов“, што се наоѓаше на Широк Сокак. Потоа, манифестацијата се пресели во салата на киното „Партизан“. Изборот течеше со богата културно-уметничка програма.
Во почетокот на јануари 1973 година, кога требаше да се изберат најдобрите спортисти за 1972 година, манифестацијата за првпат се одржа во ресторанот „Олимписки базен“. Манифестацијата ја отвори Стојан Дамјановски, а наградите на најдобрите им ги врачи претседателот на комисијата на СОФК-а, Никола Каранфиловски, инаку долгогодишен спортски работник.
За спортист на Битола за 1972 година повторно беше избрана атлетичарката на А.К. „Олимпија“, Вера Велјановска. Велјановска за успесите што ги оствари во 1972 година беше втора на ранг-листата на најдобрите во Македонија. Признанијата ги доби откако во Измир, на Балканските игри, во младинска конкуренција освои два златни и еден сребрен медал. Десет дена подоцна, исто така во Измир, но сега во сениорска конкуренција, освои сребрен медал. Настапуваше во составот на југословенската репрезентација во дуелот со Италија, а беше земена предвид за учество и на Олимпијадата во Минхен. Исто така, настапи на Европското првенство во Софија и на меѓународните првенства во Цеље, Риека, Загреб и Белград.
На пет државни првенства освои шест први, две втори и три трети места. Нејзини дисциплини беа 60, 100 и 200 м. Вера Велјановска во оваа година оствари резултати што беа само сон за атлетичарите што се обидоа да тргнат по нејзините патеки, особено за атлетичарите од Битола. Се зборуваше за Вера, но и за нејзиниот тренер Илија Чукалков, кој, без сомнение, беше најзаслужен за успесите што ги остваруваше Велјановска повеќе години по ред.
Втор на ранг-листата на најуспешните спортисти на Битола беше Љупчо Спировски. Неговите резултати беа за почит, уште повеќе што се остваруваа во време кога белиот спорт во Македонија ги доживуваше најубавите години. Во Македонија не можеше да се замисли ниту едно првенство без „детето на Пелистер“, Љупчо Спировски. Вешт во алпските дисциплини, обезбеди место во втората екипа на Југославија. Беше прв речиси на сите републички првенства што се одржуваа на скијачките мегдани низ Македонија. Учествуваше и на други првенства и стана апсолутен победник за Македонија во комбинацијата спуст, слалом и велеслалом.
РК „Пелагонија“ дури во четвртиот обид успеа да избори пласман во Првата сојузна ракометна лига. Влегувањето на „Пелагонија“ во оваа конкуренција беше најголемиот успех што дотогаш го имаше остварено една битолска екипа. На фотографијата – РК „Пелагонија“ во 1971 година.
Ако на Вера Велјановска ѝ беа потребни 527 гласови за да биде прва, нејзиниот клубски другар Мендо Стојановски собра 426 гласови и се најде на третото место на ранг-листата на најдобрите за 1972 година, веднаш по Љупчо Спировски. Стојановски бргу стана член на македонската репрезентација за јуниори и сениори. Негова специјалност беа патеките на 800 и 1500 м. На републичките првенства редовно освојуваше први и втори места. Учествуваше и на меѓурепублички средби, а на државното првенство во Сплит го освои мошне доброто – четврто место.
Браќата Борче и Димче Илиевски повеќе години беа меѓу најдобрите битолски шахисти. Борче Илиевски на ранг-листата на најдобрите за 1972 година се најде на четвртото место. На првенството на Македонија го освои третото место, а на меѓународниот турнир во Штип беше втор. Редовен член е на македонската репрезентација.
Петтото место му припадна на фудбалерот на „Пелистер“ – Пепи Упалевски. Упалевски навистина беше исклучително надарен фудбалер. Играше лево крило, „местеше“ многу топки за гол, а од милина го викаа „Џајиќ“, зашто со својата игра многу потсетуваше на ѕвездата на белградска „Црвена ѕвезда“ – Драган Џајиќ.
Шести беше пингпонгарот Томе Петковски, а понатаму следуваа: Лилјана Поповска, Дане Бачевски, Здравко Русмир и Михајло Петровски.
Ранг-листа на најдобрите за 1972 година
- Вера Велјановска – атлетика
- Љупчо Спировски – скијање
- Мендо Стојановски – атлетика
- Борче Илиевски – шах
- Пепи Упалевски – фудбал
- Томе Петковски – пинг-понг
- Лилјана Поповска – ракомет
- Дане Бачевски – кошарка
- Здравко Русмир – ракомет
- Михајло Петровски – гимнастика
Како од машките, така и од женските ракометни екипи многу пати се случуваше најдобрите да бидат на ранг-листите при изборот на најдобрите спортисти на Битола. Во оваа генерација, Лилјана Поповска беше една од најдобрите битолски ракометарки.





