Второлигашот Пелистер е во екот на летните подготовки за новата сезона. Битолчани ги „запалија моторите“ пред десетина дена, а пред нив е и првиот пријателски натпревар, каде ќе ги одмерат силите со грчкиот Паниониос.
Новиот тренер Борче Христов изрази задоволство од досега сработеното, со надеж за позитивен резултат во контролката и успешен старт на новите предизвици.
„Ова е прв натпревар. Задоволен сум од тоа што го сработивме досега, особено од младите фудбалери кои се залагаат максимално и во кои гледам огромен потенцијал. Овој меч ќе ми даде повеќе информации за можностите на фудбалерите.
Тука мислам на младите таленти кои ќе добијат шанса во првиот тим. Противникот е квалитетен, но и ние имаме свои математики и се надевам дека ќе се претставиме во добро светло“, изјави Христов.
Натпреварот помеѓу Паниониос и Пелистер ќе се одигра на 18 јули, а почетокот е закажан за 17:00 часот.





