Македонскиот ракометен првак, Еурофарм Пелистер, го доживеа и третиот пораз во групната фаза од Лигата на шампионите, откако вечерва беше убедливо надигран на гостувањето кај полскиот вицешампион, Висла Плок, со резултат 36-25.
Иако битолчани добро се држеа во првите дваесетина минути, еден пад во играта беше доволен за искусниот домаќин да ја преземе контролата и да стигне до рутинска победа.
По натпреварот свое видување даде тренерот на Еурофарм Пелистер, Рубен Гарабаја.
„Честитки до екипата на Висла, тие апсолутно ја заслужија победата. Станува збор за одличен тим со многу добар тренер, а тоа мое тврдење го потврдува и резултатот. Жалам за висината на поразот, особено бидејќи не верувам дека заслуживме да загубима со таква маргина“, рече тренерот на македонскиот првак.
Пелистерци овој викенд немаат домашни активности, но затоа следната недела играат трипати: против Барселона, Тиквеш и Еурофарм Пелистер 2.





