1983 – АТЛЕТИЧАРИТЕ „ПРЕТПЛАТЕНИ” ЗА НАЈВИСОК ПЛАСМАН
ПРВОТО МЕСТО ЗА ДИМИТАР ЦВЕТКОВСКИ
И 1983 година мина во знакот на атлетиката. По Вера Велјановска, Демир Даутовски, Васко Стојановски и Стевче Ѓеорѓиевски, на првото место на ранг-листата на најдобрите спортисти на Битола се искачи и атлетичарот на АК „Олимпија”, Димитар Цветковски.
Вредноста на пласманот на Димитар Цветковски на првото на ранг-листата на најдобрите спортисти беше уште поголема, зашто тој овој пласман го обезбеди во неверојатно голема конкуренција и кога 1983 година беше прогласена за една од најуспешните спортски години за Битола.
Ранг-листа на најдобрите во 1983 г.
- Димитар Цветковски -атлетика
- Ванчо Јовановски- ракомет
- Златко Настевски – фудбал
- Сејдо Амедовски- бокс
- Билјана Чурлевска- ракомет
- Зора Велјановска – кошарка
- Наум Симјановски- скијање
- Никола Натев-стрелаштво
- Киро Митревски – фудбал
- Кошаркашката екипа на „Стрела” – Могила
За Димитар Цветковски на свеченоста при прогласувањето на најдобрите се рече дека е „супер маратонец”. И навистина неговиот спортски подвиг влезе во аналите на спортска Битола и за него се прикажуваше долго. На релацијата Битола-Белград- Куката на цвеќето, каде што веќе три години почиваше маршалот Тито, Цветковски, трчајќи го својот најдолг маратон, успеа да го оствари својот сон што го сонуваше неколку години.

На второ место на ранг-листата на најуспешните за 1983 година се најде голманот на РК „Пелистер”, Ванчо Јовановски, кој се „побитолчани” и без кого не можеше да се замисли составот на „Пелистер”.

Трет беше „топчијата” на ФК,,Пелистер”, Златко Настевски, пред чии силни и прецизни удари трепереа сите чувари на мрежите. Во тогашните простори на Југославија за таков „бомбардер” важеше само Бора Костиќ од белградска „Црвена звезда”. Настевски, кога тоа на никој не му одеше од рака, посебно од слободни удари и од големи далечини, го погодуваше голот И носеше драгоцени победи за својот клуб.
Четврт беше боксерот на БК „Пелистер”, Сејдо Амедовски, на кого 1983 година, навистина, му беше успешна година.

Петтото место й припадна на Билјана Чурлевска, која веќе беше тргнала по стапките на Марија и Бранко Чурлеви. Билјана се поистоветуваше, особено со Марија за која во Битола се велеше дека е вонсериска ракометарка.

Кошаркарката Зора Велјановска го освои шестото место. Беше во зенитот на својата слава и нејзината игра ги инспирираше сите нејзини клубски другарки.
На седмото место се најде скијачот Наум Симјановски.
Осми беше стрелецот Никола Натев.
Деветтото место му припадна на фудбалерот Киро Митревски, а десеттото место, тимски го освои кошаркашката екипа „Стрела” од с. Могила





