Пелистер волеј во голем стил го претстави тимот и новите дресови

Новиот член на одбојкарската елита, битолски Пелистер волеј синоќа на пригодна свеченост го претстави новиот тим. На манифестацијата беа промовирани и новите засилувања и новите дресови и комплетната опрема со која тимот ќе настапува.

На промоцијата беа присутни претставници на Општина Битола, откако двете страни пред неколку недели потпишаа платформата за наредните две години, спонзорите и помагателите на клубот. Со пет нови одбојкарки и значително поамбициозен проект, Пелистер волеј се врати во Суперлигата и не крие дека сака да остави трага. Со репрезентативни засилувања и две странски одбојкарки пелистерки веруваат дека на пат се да изградат компетитивен тим.

„Ова е инвестиција во иднината на битолската одбојка, место каде младите таленти ќе се развиваат, а првиот тим на Пелистер волеј ќе ги гради своите победи. Битола отсекогаш била спортски град а од е денес уште посилна и во одбојкат“, рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Пред новата сезона за нивните први впечатоци зборуваа и странските засилувања, Шајник Мек Ги од САД и Алина Жевлахова од Белорусија. Тие искажаа благодарност за тоа како се примени и прифатени од нивните соиграчки.

„Се чувствуваме како дома, одлично сме прифатени од сите во клубот, девојките се одлични и се обидуваат на секој начин да ни помогнат, било да сме на терен, во совлекувалните или низ градот. Се надеваме дека ќе имаме успешна сезона со многу победи за радост на сите во Битола“, рече Жевлакова.

Пелистер Волеј оваа сезона доведе и три домашни репрезентативни засилувања, Симона Стојановска, Мартина Николова и Ева Трпеновска.