Стајиќ е повреден, нема да настапи против Азербејџан и Ирска

Селекторот на нашата сениорска репрезентација Марјан Илиевски ќе биде со опција помалку во бековската линија за првиот круг од претквалификациите за Евробаскетот 2029 година, откако од лекарскиот тим беше информиран дека пелистерецот Бобан Стајиќ има проблеми со левото коло, и не може да им помогне на своите репрезентативни колеги за средбите со Азербејџан и Ирска.

„И покрај сите настојувања од негова страна да биде со тимот, сепак, нашиот лекарски тим одлучи дека Стајиќ не може да биде максимално подготвен за двата натпревари кои ни следувааат оваа недела. Не сакам ништо да форсираме во таа насока. Потребна му е комплетна рехабилитација. Имаме опција помалку во таа бековска линија, но продолжуваме понатаму“, појасни Илиевски за ситуацијата во која се најде искусниот бек на почетокот на мини-подготовките за натпреварите од претквалификациите за Евробаскетот 2029 година.

На 27.ноември, од 19:00 часот, во салата на СРЦ „Кале“, Македонија ќе биде домаќин на селекцијата на Азербејџан.

Три дена подоцна, на 30 ноември, следува гостување во Даблин, и натпреварот против селекцијата на Ирска.