Екипата на Пелистер освои значајни бодови во битката за опстанок против Работнички, кој тоне се подлабоко и се поизвесно е дека идната сезона ќе ја мине во второлигашката конкуренција. „Романтичарите“ попладнево на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, немаа решение за Лука Булатовиќ кој постигна хет-трик во победата на Пелистер од 4-1, а нивната одбрана се покажа како многу ранлива, со оглед дека Пелистер на крајот можеше да стигне и до поубедлив триумф.
„Не сакам да ги навредам играчите по победа од 4-1, ама сосема нормално се влезе малку со страв во натпреварот. Секогаш првото коло е непознаница, особено бидејќи Работнички донесе цел тим, па не знаевме како ќе игра. Се опуштивме малку на 2-0, едно невнимание и примивме гол. Сепак, во второто полувреме одлично и без грешка. Добрите и квалитетни подготовки дојдоа до израз. Нивниот труд во Анталија се исплатеше со оваа победа.
Булатовиќ е добар играч, Сега треба да биде уште подобар. Еве ако продолжи вака, ќе биде уште поефикасен. Сите добро работеа на подготовките, мило ми е што се колектив и имаме добра хемија во соблекувалната, а тоа се виде на теренот. Јас можам само да уживам. Пропуштивме некои впишани бодови, сите играат фудбал и имаат квалитетни тимови. Ќе се обидеме да освоиме бодови во секој натпревар и да ја исполниме нашата цел – опстанок во лигата“, изјави Стојановски.
Во следната рунда на шампионато за викенд Пелистер му гостува на Башкими.





