По три недели се враќа на сцена Лигата на шампионите и следи голем натпревар во спортската сала „Боро Чурлевски“, Гостувањето на унгарски ПИК Сегед силно ги мотивира битолчани, а ЕХФ го означи овој натпревар како меч на неделата.
По подолго време во европски натпревар на голот на пелистерци ќе се појави Саи Хаидарирад, кој ја залечи повредата.
„Се вратив брзо, најмногу благодарение на медицинскиот тим, кој заврши одлична работа. Повредата е минато, сега се фокусираме на мечот со ПИК Сегед. Очекувам добар резултат и со голем оптимизам го очекуваме дуелот. На сите противници им е тешко во пеколната атмосфера пред нашите гледачи.
Нашиот дом е тешко освоив за сите ривали, а тоа ќе го докажеме и на следниот натпревар против Сегед. Мислам дека сме на добар пат, одлично тренираме, тимот е расположен и се наоѓа во позитивен моментум. Не го гледав дербито во Унгарија помеѓу Веспрем и ПИК Сегед затоа што и ние игравме во истиот термин, но од тоа што чув, следниот ривал прикажал извонредна игра.
Таму има многу добри и искусни ракометари, затоа мора да сме свесни дека овој меч ќе биде исклучително тежок за нас“, рече Хаидарирад.
Дуелот Еурофарм Пелистер – ПИК Сегед ќе се игра пред полни трибини в среда од 20:45 часот.





