Хрватот Басанесе потпиша за Еурофарм Пелистер

Еурофарм Пелистер, се пофали со нов член на тимот за следната сезона. Тоа е младиот хрватски репрезентативец Диего Басанесе, кој ќе биде дел од клубот од следната сезона.

Станува збор за 18-годишен играч кој настапува за кадетската и младинската репрезентација на Хрватска, а игра на позицијата десен бек. Младиот талент доаѓа во Битола со одлични препораки од хрватската ракометна јавност, која го оценува како еден од најперспективните играчи во својата генерација.

Пред трансферот во Битола, Басанесе настапуваше за екипата на Умаг, каде се истакна со своите игри и континуиран напредок. Со кадетската репрезентација на Хрватска, тој успеа да се избори за медал на Медитеранските игри, што дополнително ја потврдува неговата квалитетна форма и потенцијал.

Младиот ракометар потпиша четиригодишен договор со Еурофарм Пелистер, што покажува дека клубот сериозно смета на него во иднина и го гледа како дел од долгорочниот проект. Клубот најави дека Басанесе официјално ќе биде претставен на почетокот на подготовките за сезоната 2026/27.