Репрезентацијата на Македонија во е-фудбал пријави своја екипа во претстојните квалификации за Светското првенство. Преку регионалните квалификации во Европа нашата селекција ќе се бори за мундијалска виза.
Боите на Македонија во овие квалификации ќе ги бранат Иван Иванов и Давид Гаревски, момци со големо искуство во овој спорт и многу големи настани зад себе. Двајцата имаат учествувано на ЕП и СП во поединечна конкуренција, а ова ќе им биде прво искуство како партнери.
Македонија ќе биде во групата Б и ќе се судри со Португалија, Холандија, Грузија, Швајцарија, Босна и Херцеговина и Кипар.
Натпреварите од квалификациите ќе се одиграат од 25 до 28 септември во вечерни термини по 19:00 часот. Во следната рунда ќе се пласираат најдобрите четири селекции од сите групи, додека на СП ќе настапат најдобрите три селекции од елиминационата фаза.
Светското првенство во е-фудбал ќе се одржи во саудискиот град Ријад.





