Пелистер триумфираше со 1-0 против Брера, со голот на Вилдан Керим во 24. минута, а по одличното нафрлување на Булатовиќ од левата страна.
Дуелот сигурно го задоволува Милан Стојановски, за кого ова беше прва радост по доаѓањето во Битола.
„Ова победа многу ни значи. Имавме тежок распоред во претходниот период, густ распоред, четири меча по ред и малку се плашев од физичката подготовка и од заморот. Меѓутоа, на овој дуел играчите дадоа деведесет минути и уште еднаш покажаа карактер кога беше најважно. Успеавме добра екипа како Брера да ја држиме 90 минути под борба и со еден гол да победиме. Во првото полувреме беше тврдо, резултатот беше во прв план и тој цел притисок беше тука. Во вториот дел се опуштивме, игравме поубаво, создадовме три шанси и тоа оној пат кој треба да го одиме за следните мечеви. Психички и бодовно, се надевам дека оваа победа ќе биде пресвртница за нас. Овие играчи покажаа дека ако сме комплетни, убаво изгледаме на терен и секој можеме да го победиме. Месец дена се запознававме, се виде против Вардар дека овој тим во овој момент може да се бори. Жал ми е за Мирко Ивановски што не може да игра, има некоја повреда и не е подготвен. Тој е лидер на нашата екипа, капитен и го чекаме да се врати“, рече Стојановски.
Во следното 14. коло, за две недели, Пелистер ќе му гостува на Шкупи.





