(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
1974 – КОЈ – АКО НЕ ВЕРА
1975-тата година остана во сеќавање по тоа што во истата се одржаа два избора на најдобрите спортисти. Едниот, кој се однесуваше на сумирање на резултатите во 1974 година, се одржа во текот на јануари, а вториот – при крајот на декември, кога беа прогласени најуспешните спортисти кои постигнаа најдобри резултати во текот на целата календарска 1975-та година. Уште, тука вреди да се спомене дека на листата на најдобрите спортисти сѐ уште доминираа спортските асови од калибарот на Вера Велјановска, Љупчо Спировски и други, а во текот на 1975 година се појавија млади надежи кои за прв пат се најдоа меѓу десетте најдобри. Интересно е, исто така, да се спомене дека на листата на најдобрите за 1974 година имаше дури четворица стандардни првотимци на ФК „Пелистер.” Титулата најдобар спортист за 1974 година по четврт пат ѝ припадна на ѕвездата на битолската и на македонската атлетика – Вера Велјановска.
Изборот на десетте најдобри спортисти за 1974 година се одржа во организација на Сојузот за физичка култура, Битолски весник, а за прв пат во организацијата беше вклучена и Радио Битола.
Комисијата ја сочинуваа: Борис Чипуровски, Томе Фидановски, Благој Христовски, Златко Златевски и спортските новинари: Спиро Мачески, Димче Миновски и Стојан Дамјановски.
За најдобар спортист во оваа година беше прогласена атлетичарката Вера Велјановска. Признанието дојде откако Вера Велјановска по втор пат беше избрана за спортист на годината на Македонија.
Во 1974 година, Вера нанижа бројни успеси кои ја држеа во висините на македонската и југословенската атлетика. Ќе спомнеме некои: на Европското првенство во Букурешт и Софија, Велјановска го собори државниот рекорд на 60 метри во сала. Придонесе за изедначувањето на државниот рекорд на патеката 4х100 метри. Учествуваше и на сите други сениорски првенства во Македонија и секогаш беше меѓу најдобрите.

Љупчо Спировски и оваа година се најде на второто место на листата на најдобрите спортисти. Овој даровит скијач и во 1974 година беше меѓу најдобрите во Македонија. Го освои првото место на скијачката манифестација „Флејта-Чанак” во слалом и второто во велеслалом. Прв беше и во алпските дисциплини. Четири години со ред е републички првак во алпски дисциплини. Најголем успех оствари на тримечот Србија – Црна Гора – Македонија каде што ги освои првите места во слалом и смук и на Шарпланинскиот куп, каде што во конкуренција на бројни скијачи од Италија, Австрија, Франција, Западна Германија и други, го освои дванаесеттото место.
Третото место го поделија фудбалерите Ристо Гочевски и Цане Грбевски. Голманот Бранко Дуковски беше четврти, а десното крило Спасе Ристевски, деветти. Сите заедно, несомнено, имаа голем придонес и заслуги за успесите на ФК „Пелистер”.

Скијачката Милка Гемтова беше петта. Таа неколку години беше една од најдобрите на снежните патеки во Македонија. Најдобри резултати оствари во Жабљак на тримечот Србија – Црна Гора – Македонија каде ги освои првите места во слалом, велеслалом и смук. Учествуваше и на првенството на Јахорина.
Следен на ранг-листата беше пингпонгарот Томе Петковски за чие име беа сврзани најголемите успеси на ПК „Пелагонија”.
Ракометарката Соња Попова, која исто така беше многу заслужна за успесите на РК „Пелагонија”, се најде на седмото место.
Потоа следуваа: гимнастичарот Пеце Смилевски републички првак во пионерска конкуренција, боксерот Илија Белџигеровски кој беше еден од најуспешните во Македонија во велтер категорија и токму во овие години беше во зенитот на својата слава.
Ранг-листа на најдобрите во 1974 г.
- Вера Велјановска – атлетика
- Љупчо Спировски – скијање
- Ристо Гочевски – Цане Грбевски – фудбал
- Бранко Дуковски – фудбал
- Милка Гемтова – скијање
- Томе Петковски – пинг-понг
- Соња Попова – ракомет (го коригирав презимето од Поповска во Попова за да е доследно на текстот погоре, но ако Поповска е точно, може да се врати)
- Пеце Смилевски – гимнастика
- Спасе Ристевски – фудбал
- Илија Белџигеровски – бокс

ФК „Пелистер”
Покрај другите, на фотографијата се и Гочевски, Грбевски, Дуковски и Ристевски кои одеднаш беа на ранг-листата на најдобрите спортисти на Битола за 1974 г., и Упалевски, кој пред тоа на повеќе наврати беше меѓу најдобрите.





