Елена Сивакова – гимнастика – најдобра меѓу најдобрите во Битола за 2004 година

(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)


2004 – ГОЛЕМ ПОДЕМ НА ГИМНАСТИКАТА

За спортист на Битола за 2004 г. беше прогласена младата гимнастичарка Елена Сивакова. Нејзиниот клуб, ДГС „Партизан”, беше најуспешниот клуб за оваа година, а претседателот на ФГСМ и ДГС „Партизан” – Битола, сосема заслужено, го доби посебното признание за најзаслужен спортски работник за 2004 година.
Изборот на десетте најдобри спортисти за 2004 година и трите најуспешни екипи за оваа година се одржа во ресторанот „Белведере” во средината на декември истата година. Во отсуство на претседателот на Сојузот на спортови, Силјан Мицевски, спортистите и гостите ги поздрави потпретседателот Ѓуро Илиќ, кој на наградените им ги врачи дипломите и пехарите. Основен белег на оваа манифестација беше сознанието дека на повидок е нова генерација млади спортисти на кои се темели иднината на битолскиот спорт.

Ранг-листа на најдобрите спортисти за 2004 г.

  1. Елена Сивакова ( гимнастика)
  2. Петар Ангелов (ракомет)
  3. Елена Лазарева ( атлетика)
  4. Елена Маја Николиќ (џудо)
  5. Валентин Атанасовски и Ана Стојчева ( танци)
  6. Иван Ивановски ( скијање)
  7. Јоне Донев ( скијање)
  8. Гордана Димовска (ракомет)
  9. Ѓорѓи Бранов ( кошарка)
  10. Владимир Михајловски ( фудбал)

Елена Сивакова, која на неколку наврати беше меѓу најдобрите спортисти, во 2004 година, сосема заслужено, откако гимнастиката во Македонија минуваше во нејзина доминација, беше прогласена за спортист на годината на Битола. Нејзините резултати беа плод на општиот подем на гимнастиката не само во Битола, туку и во Македонија откако на чело на ФГСМ застана Љупчо Арнаудов, кој, вооедно, беше и претседател на ДГС „Партизан” Битола. По многу години криза, гимнастиката застана на здрави нозе, па затоа не беше и никакво изненадување што, освен Сивакова, високи признанија добија и Љупчо Арнаудов, како најдобар спортски работник за 2004 година, и младата гимнастичарка Марија Груевска која, покрај боксерот на БК Битола”, Марко Гоновски, беше прогласена за најдобар млад надежен спортист на Битола. ДГС „Партизан”, исто така, беше прогласен за најуспешен и најорганизиран клуб во 2004 г. Накусо, оваа година мина BO знакот на гимнастиката која вивна облаците како феникс од пепелта.
Спортистите што на ранг-листата се најдоа од второто до десеттото место (од голман Ангелов до фудбалерот Михајловски) беа стандардни првотимци во своите клубови и заслужни за успесите на средините каде што делуваа.

Најуспешни екипи за 2004 г.
ДТВ „Пaртизан”
РК „Пелистер-Кометал” -млада екипа
КК „Младост”

За најуспешни педагози за 2004 г. беа прогласени Асен Спировски и Ангеле Анчевски, а како и неколкупати досега за најуспешен спортист од Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди беше прогласена Оливера Накова, која во текот на оваа година оствари видни резултати на параолимпијадата во Атина.

Признанието најуспешен тренер за 2004 г. му припадна на Горан Стојановски од КК „Младост”.